Македонија АХВ: Храната во „Леар“ била соодветно чувана и послужена, а мензата чиста

АХВ: Храната во „Леар“ била соодветно чувана и послужена, а мензата чиста

Храната во „Леар“, каде 23 лица вчера пријавија лесни симптоми на труење, била соодветно дистрибуирана, чувана и послужена, во оригиналното пакување и со адекватен рок на употреба, а мензата ги исполнува хигиенските услови поради што не е изречена мерка за нејзино привремено затворање, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспектори на АХВ во соработка со Санитарната инспекција денеска и вчера направиле вонредна контрола во тетовската фабрика при што зеле мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице што ја послужувало храната, а на кое му било извршен и дополнителен здравствен преглед

– Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да го следи случајот и да ја информира јавноста за секоја новина поврзана со него. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира во услови на висока температура и зголемен ризик од расипување на храната и појава на труења, граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, односно да ја набавуваат од регистрирани оператори, каде се запазени безбедносните критериуми, како и да водат сметка за личната и за хигиената при подготовка и чување на храната – апелираат од АХВ.