Македонија Ахмети: Нема индиции дека косовски Албанци го предизвикале инцидентот во Гошинце

Ахмети: Нема индиции дека косовски Албанци го предизвикале инцидентот во Гошинце

Нема индиции дека косовски Албанци го предизвикале инцидентот во Гошинце, иако има и такви тврдења од поединци, официјални лица во Македонија, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на заедничката прес-конференција во Приштина со неговиот домаќин, вицепремиер и шеф на дипломатијата на Косово, Хашим Тачи.

Ахмети и Тачи потврдија дека двете влади разменуваат информации во врска со инцидентот.

– Албанците во Македонија не сакаат нова криза и нова војна. Тие сакаат да живеат во мир и во таа насока е многу важно исполнувањето на Охридскиот договор, што во целост ќе донесе рамноправност меѓу граѓаните. Албанците сакаат соживот со Македонците. За Албанците во Македонија нема подобра алтернатива од Охридскиот договор – изјави Ахмети.

Според Тачи, Ахмети дал голем придонес за стабилноста на Македонија, како и за унапредување на односите со Косово.

– Институциите на Косово во целост го поддржуваат спроведувањето на Охридскиот договор, кој беше постигнат со посредство на меѓународната заедница. Во интерес на двете земји е зајакнување на соработката и на довербата и во таа насока им даваме поддршка на Ахмети и на другите лидери на Албанците да работат во интерес на мирот, соработката и на евроинтеграциите – изјави Тачи.