Македонија Ахмети му телефонирал на Хан: ДУИ останува посветена на Договорот од Пржино

Ахмети му телефонирал на Хан: ДУИ останува посветена на Договорот од Пржино

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, телефонски му соопштил на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, дека партијата е подготвена за спроведувањето на Договорот во Пржино, кој гарантира слободни, демократски и веродостојни избори за сите граѓани, информираат од ДУИ.

– Го уверив комесарот Јоханес Хан дека ДУИ останува целосно посветена на спроведувањето на Договорот од Пржино и на крајните подготовки за спроведување слободни, демократски и веродостојни избори – истакнал Ахмети.

Ахмети, како што стои во соопштението, му се заблагодарил на Хан за неговата голема посветеност за решавањето на кризата.

– Ја повторив нашата определба да не дозволиме каков било центар на моќ да нè оттргне од патот на демократијата и од зајакнувањето на структурните реформи – додал Ахмети.

Од друга страна, Хан изразил подготвеност да помогне во процесот на целосна имплементација на Рамковниот договор.