Македонија Ахмети ги повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да постигнат компромис

Ахмети ги повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да постигнат компромис

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со норвешкиот амбасадор Арне Санес Бјорнстад.

На средбата, како што соопштија од партијата, се разговарало за политичката криза во Македонија и за алтернативите за излез од неа.

Ахмети го запознал норвешкиот амбасадор со интензивните напори на ДУИ во последниве денови за постигнување компромис меѓу двете страни во интерес на државата.

„Овие денови се од клучно значење за земјата и останува македонските политички партии да ги поддржат алтернативите за излез од кризата, покажувајќи подготвеност за политичка одговорност, суштински реформи, како и силно враќање на евроатланската агенда и одржување на меѓуетничките односи. Свесни дека сериозниот судир во земјата ги надминува границите и потенцијалите на Македонија, лидерите на најголемите партии во земјата треба да постигнат компромис веднаш“, стои во соопштението од ДУИ.

Ахмети повторил дека ДУИ ќе продолжи со напорите за излез од кризата во секојдневен контакт со меѓународните партнери од Брисел и од Вашингтон, но и во комуникација со страните потписници на Договорот од Пржино.