Македонија Ахмети до Орав: Остануваме целосно посветени на спроведување на препораките на Прибе

Ахмети до Орав: Остануваме целосно посветени на спроведување на препораките на Прибе

Демократската унија за интеграција останува целосно посветена на спроведувањето на препораките на Прибе, списокот за итни реформи, како и на сите обврски што произлегуваат од договорот во Скопје и од пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Унија – стои во писмото на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, до амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

– Исто така, дозволете ми да Ве известам дека ние се залагаме за фер и слободни избори на 5 јуни, на кои граѓаните ќе ги споредат понудите на политичките партии и ќе гласаат без притисок, заплашување и уцени. Спроведувањето на реформите ја зајакнува домашната демократија и им овозможува на нашите пријатели во Брисел да го унапредат процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија, што за сите нас во Демократската унија за интеграција останува примарна цел – се вели во писмото.

Лидерот на ДУИ, Ахмети, изрази и благодарност за, како што вели, искрената посветеност на Орав, кој заедно со своите колеги од Европската Унија бил дел од процесот цело време.

– Вашата посветеност зборува гласно за целта на Европската Унија, демократска Македонија со европски стандарди – се вели во писмото.