Македонија Ахмети до Бејли: Стратешка определба на земјата е партнерство со Брисел и...

Ахмети до Бејли: Стратешка определба на земјата е партнерство со Брисел и со Вашингтон

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска со американскиот амбасадор Џес Бејли размени мислења околу изборниот процес и ситуацијата создадена по изборите во земјава, соопштија од ДУИ.

На средбата во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје, Ахмети ги изнел ставовите на ДУИ во однос на придонесот на партијата за стабилност и за безбедноста во земјата.

„Ахмети ја истакна важноста на склучувањето на Рамковниот договор за јазичната и за економската еднаквост, но и реформите за владеење на правото, како и евроатлантската интеграција. Ахмети истакна дека сите достигнувања во изминатите 15 години во земјата се реализирани во соработка со меѓународната заедница, вклучувајќи го решавањето на кризата, и затоа ова стратешко партнерство на ДУИ со американските сојузници ќе продолжи во духот на исполнување на заедничките интереси, полноправно членство во НАТО и во ЕУ“, стои во соопштението од партијата.

Од ДУИ наведуваат дека Ахмети, исто така, зборувал со амбасадорот и за одредени групи кои сакаат несигурност, геополитичка нестабилност и непредвидливост во земјата и го уверил амбасадорот дека ДУИ е посветена на одржување на стабилноста, како и на стратешката определба на земјата за партнерство со Брисел и со Вашингтон.

Ахмети и Бејли, како што соопштуваат од ДУИ, ќе го продолжат дијалогот во наредните денови.