Македонија Aфлатоксин во недозволено количество пронајден во млекото „Милкано“

Aфлатоксин во недозволено количество пронајден во млекото „Милкано“

Фото: Pixabay/Couleur

Од македонскиот пазар ќе се повлечат 20 тони небезбедно трајно млеко, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Врз основа на добиен позитивен резултат за присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволени концентрации во млеко од брендот „Милкано“, увезено од Босна и Херцеговина, од продажба се повлекуваат 20 тони од трајното млеко со 3,2 отсто масленост, со сериски број/лот- LOT FD04, датум на производство 05.10.2022 и рок на употреба 04.03.2023.

„Станува збор за резултат добиен во рамки на мониторинг програмата за безбедност на храната, која покрај редовните и вонредните контроли, Агенцијата ја спроведува секоја година“, вели АХВ.

Во целокупната количина која е пласирана на пазарот, утврдено е присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, колку што е дозволено со нашите прописи.

„Небезбедното млеко ќе се врати кај производителот доколку надлежните ветеринарни власти од Босна и Херцеговина го прифатат тоа, во спротивно, истото ќе биде уништено на депонијата Дрисла“, додаваат во Агенцијата.

Наредба за повлекување на небезбедниот производ од полиците е издадена и на операторот со храна, кој веќе ја информираше јавноста за ова постапување.

Сите останати производи од овој бренд се безбедни, со исклучок на млекото со наведениот лот и рок на употреба. Потрошувачите кои имаат купено УХТ млеко од брендот „Милкано“ со наведениот лот и рок на употреба, да не го употребуваат, односно треба да го вратат на местото каде што е купен.

„Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk“, потсетува АХВ.