Дописници Промотивна тура низ Охрид за новинари и за тур-оператори од неколку европски...

Промотивна тура низ Охрид за новинари и за тур-оператори од неколку европски земји

Новинари и туристички оператори, претставници на туристички агенции и на медиуми од повеќе европски земји, од утре до 5 април, ќе престојуваат во Охрид како дел од промотивната тура за презентација на туристички потенцијали, во организација на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.

На промотивната тура, која се одржува втора година по ред, ќе учествуваат претставници на медиуми од Турција, Русија, Словенија и од Србија, како и претставници на тур-оператори,туристички агенции и туристички работници од Израел, Унгарија, Украина, Австрија, Бугарија и од Србија. Исто така, учесници ќе бидат и претставници од турската авиокомпанија „Јетлифе“.

– Учесниците на промотивната тура е предвидено да ги посетат сите знаменитости на градот и во околината, да ги посетат охридските хотелски капацитети и да остварат средби со нивните менаџменти. Целта е Охрид и неговиот туристички потенцијал да бидат промовирани во нивните медиуми, но и да се отвори можност за склучување директни договори за нови туристички пакети и отворање нови авиолинии до Охрид. Со организацијата на овој настан, локалната власт става акцент на новиот пристап на промовирање на туристичкиот потенцијал на градот – напоменуваат од Секторот за ТЛЕР при Општина Охрид.