Дописници 2017 година за охриѓани почна бериќетно

2017 година за охриѓани почна бериќетно

Новата година и првата седмица што следи по неа, за охриѓани значи голем бериќет.
Барем десетина илјади гости, од земјата и од светот, уживаат за продолжениот викенд во сончевиот и за овој период од годината топол Охрид.

Примамливите пакет-аранжмани, главно со лански цени, беа привлечни, пред сè, за гостите од соседството и од регионот.

Најбројни се туристите од Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и од Хрватска, како и помали групи и од Полска, Грција и од Турција.

Охриѓани се презадоволни, бидејќи, покрај од Бугарија, овојпат им се вратија и туристите од Србија.

Задоволството е уште поголемо што, за православните христијани, следуваат три големи празници: Свети Наум Охридски – на 5 јануари, следниот ден Бадник, а веднаш по него еден од најголемите христијански празници посветен на Христовото раѓање, Божиќ.

Јануарските празници продолжуваат на 13 јануари – Стара Нова година, а ќе завршат со 19 јануари, Богојавление – Водици.