Хроника 14-годишно девојче повредено од куршум во скопско Глумово

14-годишно девојче повредено од куршум во скопско Глумово

Во саботата вечерта, околу 20.20 часот, во скопското село Глумово 14-годишно девојче било повредено од куршум, а од истрелан проектил од огнено оружје било оштетено и возило, паркирано пред куќа во селото.

Како што информираат од МВР, засега непознат сторител, во тоа време од огнено оружје истрелал повеќе куршуми, од кои еден го погодил девојчето во палецот од левата нога, нанесувајќи му телесна повреда. Девојчето во тој момент седело со другарките во дворот од куќата. Тоа веднаш било пренесено во Градската општа болница „8 Септември“, каде по укажаната лекарска помош било пуштено на домашно лекување.

Во истиот случај, друг куршум завршил во хаубата од автомобил марка „мерцедес“, сопственост на Х.С. (42) од Глумово.

Полициски екипи од СВР Скопје извршиле увид и преземаат мерки за откривање на сторителот и за расчистување на случајот.