Македонија Ќе се поставуваат нови камери на премините за да се избегнат несреќи

Ќе се поставуваат нови камери на премините за да се избегнат несреќи

Со инвестицијата од над 15,9 милиони денари на постојните премини ќе се постават 58 камери и 74 столбови за монтирање на камерите, а ќе се набават и компјутери за видео надзор и централизиран уред за менаџирање на системот

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“ ќе постави нови камери на патните премини на пругите низ земјава. Со инвестицијата од над 15,9 милиони денари на постојните премини ќе се постават 58 камери и 74 столбови за монтирање на камерите, а ќе се набават и компјутери за видео надзор и централизиран уред за менаџирање на системот.

Вакви камери и досега постоеја на пофреквентните премини долж Коридорите 8 и 10, но со најновата набавка ќе се надгради сегашниот видео мониторинг.

Зголемената контрола на патните премини се очекува да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, но и да ги обесхрабри возачите во прекршувањето на сообраќајните правила. Последната сообраќајна несреќа меѓу воз и автомобил се случи утрово кај скопското село Кондово, кога на автомобил „Ситроен“ налета локомотива на самиот патен премин. При вакви несреќи, снимките од камерите за видео надзор ќе можат да се користат за да се увиди како настанала незгодата.

Како што се наведува во договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, тетовската фирма „Куаттро“ ќе биде задолжена во период од 12 месеци да ги изведе новите столбови и да ги инсталира камерите на премините преку пругите. Проектот за мониторинг и визуелна контрола на безбедноста на друмскиот и железничкиот сообраќај на патните премини се реализира со средства од буџетот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ.