Македонија МИОА објави алатка за пријавување на притисок врз администрацијата

МИОА објави алатка за пријавување на притисок врз администрацијата

Министерството за информатичко општество и администрација, од денеска на својата веб-страница објави алатка на која може да се пријави притисок на работно место. Алатката е објавена во пресрет на изборната кампања за претседател.

„Министерството за информатичко општество и администрација повторно објавува алатка за пријавување на притисок на работно место за време на престојната кампања за избор на претседател на Северна Македонија. Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавната администрација нема да има. Работиме посветено на обезбедување на администрација која работи професионално и во служба на сите граѓани. Администрација која нема да биде злоупотребувана во служба на партиски цели или лични интереси“, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција на која ја презентираше алатката.

Алатката овозможува секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работно место.

Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитетни согласно Законот за заштита на личните податоци. За ова веќе се превземени соодветни технички и организациски мерки.