Македонија Истражување: Мажите значително побројни во управувачките структури во однос на жените

Истражување: Мажите значително побројни во управувачките структури во однос на жените

Зголемување на критериумите за избор на управувачки структури со фокус на искуството, воведување транспарентна процедура за пријавување и избор со вклучување на јавноста, проверка на постоечките именувани лица, се дел од препораките произлезени од студијата „Кој „тоа“ таму управува?“, направена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“  – Скопје (ИДСЦС), финансиран од Велика Британија.

На презентацијата на наодите од истражувањето се посочи дека се анализирани 173 јавни органи – јавни и државни претпријатија и независни регулаторни тела, 48 закони и подзаконски акти со кои се регулира работата и делувањето, назначувањето на членови на управни и надзорни одбори и директори во овие органи.

– Шеесет и три отсто од членовите на надзорни одбори имаат работно искуство помало од пет години. Дури 43 отсто од членовите во управните одбори немаат работно искуство во областа на институцијата. Најголемиот недостаток во процесот на именување на раководните структури претставува работното искуство. Според анализираните биографии, кај 51 отсто од случаите именуваните лица немале искуство во областа на работата на институциите или, пак, тоа искуство е до пет години. Пет отсто од членовите на управни и надзорни одбори се со средно образование. Има дури и директори со средно со средно образование. Мажите  се значително побројни во управувачките структури, само 29 отсто од управувачките структури се жени, а од директорите пет отсто – рече Миша Поповиќ, еден од авторите на студијата што е дел од проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела”

Mинистерoт за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски рече дека е објавен предлог-законот за високо раководна служба и со Европската комисија работат на реорганизација на институциите на системот.

– Овие процеси се обидуваме да ги водиме со вклученост на граѓанскиот сектор и да бидам искрен во тие проекти во кои ги спомнав, ние се фокусиравме на органите на државната управа и високо раководната служба, односно да создадеме начини, механизми, транспарентни услови во кои би се избирала високо раководна служба – рече Манчевски.

Британската амбасадорка во земјата Рејчел Галовеј нагласи дека доброто управување нема место за корупција и распределбата на јавните финансии е делотворна.

– Како граѓани, инвестираме во нашите институции преку даноците што ги плаќаме. За возврат, од институциите очекуваме транспарентност во трошењето на нашите пари, во поставувањето луѓе на раководни функции во заложбите за разноличност и во извршувањето на задачите – рече Галовеј.