Дописници Зонско паркирање во Тетово, но само на две улици

Зонско паркирање во Тетово, но само на две улици

Зонското паркирање што неодамна се воведе само на булеварите Илирија и Маршал Тито, не го реши сообраќајниот хаос во Тетово.

Долж овие улици, според правилата на зонското, може да се паркира само во една коловозна лента. Возачите сега бараат паркинг-место повеќе во другиот дел од градот, каде се создава дополнителен метеж.

За да се регулира сообраќајот, дел од тетовци сметатаат, дека треба да се воведе зонско и на другите булевари и главни улици во градот.

– Сообраќајот треба да се балансира еднакво во градот. Тоа може да се направи со воведување зонско и на другите улици. Сега, таму каде што има зонско е средено, а таму каде што нема е хаос, се паркираат автомобилите дури и на тротоари – вели еден жител на Тетово.

Дел од тетовци сметаат дека зонското нема да го реши проблемот со сообраќајот во Тетово.

– Бадијала да се воведе зонско и во целиот град, каде нема доволно затворени паркиралишта, околу градот нема ниту една обиколница, па целиот транзитен сообраќај, наместо да го заобиколи, влегува во градот. Проблем е што се направија и многу висококатници, каде инвеститорите не изградија доволно паркинг-места за станарите – вели една жителка на Тетово.

Од Општина Тетово велат дека се планира изградба на нови паркиралишта, а во зависност од финансиите – и реализирање на проекти за обиколница. Но, најпрвин треба да се воведе зонското паркирање.

– Зонското паркирање засега го воведовме како пилот-проект само на две главни улици, а потоа, доколку овој проект се покаже како успешен, зонско ќе има и низ целиот град – изјави Сејфел Беадини, в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ од Тетово.

Зонското паркирање нема да се наплаќа неколку недели, додека не се воведе ваквиот начин на паркирање и во другиот дел од градот. За неправилно зонско паркирање, возилата веднаш ќе се остранат од пајак-служба, која во наредниов период ќе биде засилена со повеќе возила.

Според првична процена, во Тетово дневно сообраќаат околу 50.000 возила, земајќи ги предвид и автомобилите на жителите од околните села, кои секојдневно се во градот заради завршување на различни обврски.