Македонија ЗНМ: Уставниот суд да им дозволи на новинарите да ја следат утрешната...

ЗНМ: Уставниот суд да им дозволи на новинарите да ја следат утрешната седница

Здружението на новинарите на Македонија денеска го повика Уставниот суд да им дозволи на новинарите да ја следат утрешната седница, на која се очекува да се расправа за оценување на уставноста на одредени членови од Законот за помилување.

Од ЗНМ велат дека одлуката јавноста да се исклучи од утрешната седница е во спротивност со Деловникот на Уставниот суд и оти во членот 83 јасно е предвидено дека работата на Уставниот суд е јавна.

„Ниту една причина за затворање на седницата за јавноста предвидена со член 85 од Деловникот не е исполнета. Потсетуваме дека јавноста од расправите, седниците и од подготвителните седници на Уставен суд може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, чувањето на државата, службената или деловната тајна, заштита на јавниот морал, но и во други оправдани случаи што ги определува Судот“, се вели во реакцијата на здружението.

Од ЗНМ велат дека во овој случај не е јасно која е причината за исклучување на јавноста од седницата, кое е објаснувањето и кој ја донел ваквата одлука.