Македонија ЗНМ: САД и ЕУ со осуда на насилството кон новинарите

ЗНМ: САД и ЕУ со осуда на насилството кон новинарите

По писмото што Здружението на новинарите на Македонија го испрати до сите релевантни организации каде Македонија е полноправна членка, како што се Обединетите нации, Советот на Европа и Ораганизацијата за безбедност и соработка во Европа, за алармантната состојба со насилството против новинарите, писмо за поддршка добиле од Американскиот стејт департмент и од Европската комисија, соопштуваат од ЗНМ.

Во писмото се вели дека Соединетите Држави силно го осудуваат кое било насилство или вознемирување на новинарите. Насилството и заплашувањето кон новинарите опишани во писмото на ЗНМ немаат место во едно модерно демократско општество.

Заменикот на државниот секретар на Американскиот стејт департмент, Џон Хеферн, ги поттикнува македонските новинари кои биле жртви на криминални дејства и на заплашување, веднаш да ги известат одговорните власти затоа што ним така им е полесно да ги следат овие случаи кога се дел од службените полициски и судски извештаи.

„Службените лица во нашата амбасада во Скопје и во Вашингтон ќе продолжат внимателно да го следат статусот на слободата на печатот во Македонија и ќе продолжиме и понатаму да се заложуваме за зајакнување на слободата на медиумите во земјата“, додал во писмото Хефнер.

Тој смета дека слободата на печатот е централна компонента на едно здраво и демократско општество и е клучна за евроатланската интеграција на Македонија и затоа во иднина ќе ја поттикнат слободата на печатот и ќе продолжат да се заложуваат за зајакнување на слободата на изразувањето пред македонската влада.

Загриженост за ескалација на насилството против новинари во Македонија искажува и Кристијан Даниелсон, генерален директор на директоратот за проширување на Европската комисија. Даниелсон во писмото ги повикува властите да ги истражат случаите и да ги изнесат прекршителите пред лицето на правдата.

„Потребно е да се обезбеди сигурна средина на новинарите за независно да ја извршуваат својата работа, без незаконско мешање и без страв од закани и од цензура“, порачува Даниелсон во писмото до ЗНМ.

Тој сугерира дека ова прашање треба да биде адресирано во рамките на политичкиот дијалог и во надминување на политичката криза во земјата.

Од ЗНМ потсетуваат дека вицепример нападна новинар и помина без никаква политичка одговорност. Освен тоа, новинари беа нападни со метални прачки и беше уништен имот на новинари, а надлежните институции сè уште ги немаат откриено сторителите.

„Го повикуваме министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, сериозно да се ангажира за расветлување на случаите на насиство против новинари. Се надеваме дека министерот Чавков ќе ја искористи ова можност и ќе ги охрабри своите соработници поактивно да се заложат за расветлување на овие инциденти“, стои во соопштението од ЗНМ.