Галерија ЗНМ побара новинарот Божиновски да се брани од слобода

ЗНМ побара новинарот Божиновски да се брани од слобода

Новинарите протестираа пред Основен суд Скопје 1 за поддршка на колегата Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“, чие судење почнува денеска.

Претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, рече дека се дојдени да покажат солидарност со Божиновски, кој веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар.

„Ги потсетуваме судиите дека Македонија е втора земја во Европа, во која има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, а сега и Божиновски. Гласно прашуваме кој ќе биде следниот. Во земјата каде што новинарите се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги застрашуваат и дисциплинираат другите“, рече Селмани.

Тој додаде дека новинарите не се пред судот за да вршат притисок ниту да им кажат на судиите какви пресуди да носат, туку за да го кренат гласот против неправдата. Селмани рече дека судиите што одбиваат да изрекуваат притвор за политичари осомничени за уривање на демократскиот поредок во земјата, а лесно притвораат новинари, немаат право да се затскријат зад начелото за независноста на судството.

„Бараме Божиновски веднаш да се пушти од притвор и да му се овозможи, како на некои поранешни функционери, да се брани од слобода. Ако не постои опасност политичари осомничени за тешки дела да ја напуштат земјата, тогаш уште е помала веројатноста дека новинар ќе ја избегне правдата,“ изјави Селмани.

ЗНМ инсистира случајот на Божиновски да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство, а секое одбивање ќе значи оневозможување на правдата и зголемување на сомнежот во јавноста дека некој сака по секоја цена да осуди новинар со затвор, во знак на одмазда заради објавување на злоупотреби на власта.