Македонија Зимската служба на Скопје е подготвена за снегот

Зимската служба на Скопје е подготвена за снегот

По најавите за обилни врнежи од снег и за ниска температура во наредните денови, денеска се одржа координативен состанок на зимската служба на Градот Скопје со претставници на администрацијата и на јавните претпријатија на градот, како и со претстставници од општините на градот Скопје.

– Градот Скопје е подготвен за одржување на градските улици и булевари на подрачјето на Скопје, во зимски услови. За чистење на снежните наноси од коловозите, Градот Скопје оваа сезона располага со 24 возила и со доволно количество сол, односно со 2.500 тони сол – се вели во соопштението на Град Скопје.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

– Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти – се додава во соопштението.