Македонија Жерновски: Опозицијата е сплотена како никогаш досега

Жерновски: Опозицијата е сплотена како никогаш досега

Трибина на опозицијата

Никакви притисоци нема да нè поколебаат, подготвени сме да одиме до крај. Финалната цел е Груевски да си замине за доброто на Македонија, порача на трибината во Крива Паланка лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, и рече дека „бомбата“ ќе биде во народот, кој ќе ја испрати пораката дека власта ќе си замине.

– Му верувам на Зоран Заев, а и власта ќе почне да му верува. Знаат што правеле и сакаат да ги сокријат аргументите, затоа секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт се случува меѓуетничка криза – рече Жерновски.

Според него, опозицијата е сплотена како никогаш досега.

– Чекајќи ги „бомбите“ на Заев, почнаа сами да се бомбардираат, едната бомба им дојде од Индија. Субрата Рој, до вчера нивниот пријател, кој требаше да донесе 20.000 крави и да вработи 6.000 луѓе, сега велат – не го познаваат. Втората бомба е од Вашингтон. Уште недојден го нападнаа новиот амбасадор бидејќи ни кажа какава ни е состојбата. „Си-Ен-Ен“ објави дека нашле земја каде има 30 посто невработеност. На полето на медиумите сме заедно со Уганда, Судан и со Боливија. Ова што се случува во Македонија е режим, секојдневно дознаваме за нови казни за да се наполни буџетот – рече Жерновски.