Македонија Жерновски ќе бара одговор од Груевски за градежното земјиште во општина Центар

Жерновски ќе бара одговор од Груевски за градежното земјиште во општина Центар

Градоначалникот Андреј Жероновски ќе бара прием кај премиерот Никола Груевски за да побара одговор зошто Владата ја игнорира Општината и дали има намера да го додели градежното земјиште под владение на Општината. Жерновски предложил да се формира делегација составена од градоначалникот и од координаторите на советничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не го прифатиле предлогот на Жерновски, со образложение дека тоа е надвор од нивниот делокруг на работа.

– Како може за актрактивно земјиште спроти „Џамбо“, кое се продава за едно евро од квадратен метар, да нема друг заинтересиран во цела Република? Никој не е заинтересиран за оваа парцела, само една фирма. Одбивам да влезам во политичката димензија, но верувам на сите им е јасно зошто не се доделува градежното земјиште. Во Центар земјиште се продава за 40 евра по квадратен метар. И лесно доаѓаме до одговорот зошто е ниска цената и зошто само еден надавач има при секоја продажба – вели Жерновски.

Според него, одговорот треба да се бара од премиерот затоа што според последниот одговор што Општина Центар го добила од Министерството за транспорт и врски, Владата сè уште не го формирала комитетот за продажба кој треба да одлучува по овие барања.