Македонија Земјоделскиот синдикат „Спас“ се приклучува во „Кампот на слободата“

Земјоделскиот синдикат „Спас“ се приклучува во „Кампот на слободата“

Денеска земјоделците од Македонија, претставувани преку здружението „Спас“, влегуваат во „Кампот на слободата“ и даваат целосна поддршка на опозицијата во опстојување до падот и до смената на Никола Груевски, изјави Николче Бошевски, претседател на Синдикатот на земјоделците денеска на прес-конференција пред Владата.

– Влегувањето во „Кампот на слободата“ го базираме на лагите и на лошата политика во секторот земјоделство. Со години оваа Влада кажува лаги, дека ќе почне со чистење на каналите, а секоја година Пелагонија е поплавена. Ветуваат дека ќе почнат инвестиции во наводнување, а на земјоделците не им даваат да ги користат и постоечките системи за наводнување. Пример за ова е Стрежево, оваа година има вода за наводнување во изобилство, а на земјоделците им се ускратува водата за наводнување – изјави Бошевски.

Тој вели дека во кампот ќе останат и поради сите злоупотреби на државното земјоделско земјиште. Поради „Сведмилк“, Субрата Рој и ниската откупна цена на млекото, градинарските производи, житото…

– Тука ќе бидеме и поради безбројните манипулации и неправилности направени врз земјоделците во Македонија – додаде Бошевски.