Подглавна секција Зеленски објави фотографии од последиците од минираната брана Каховка

Зеленски објави фотографии од последиците од минираната брана Каховка

Претседателот Володимир Зеленски ветува дека ќе стори сé за да им гарантира на луѓето основа за живот дури и по катастрофата предизвикана од руските напаѓачи кои ја минираа браната Каховка, истакнал Зеленски на Телеграм, а пренесе Укринформ

Фото: Укринформ

Претседателот Володимир Зеленски ветува дека ќе стори сé за да им гарантира на луѓето основа за живот дури и по катастрофата предизвикана од руските напаѓачи кои ја минираа браната Каховка, истакнал Зеленски на Телеграм, а пренесе Укринформ.

„Секој терорист смета на своите резултати: страдање на луѓето, заплашување на луѓето и урнатините што теророт ги остава зад себе. Токму така постапува Русија во овој случај. Ќе направиме сè за да им гарантираме на луѓето основа за живот и по оваа катастрофа“, нагласи Зеленски.

Тој објави и серија фотографии на кои се гледаат последиците од терористичкиот напад на Русите во ХЕЦ Каховка.

Браната Каховка беше крената во воздух од руските сили за да ги спречат украинските сили да напредуваат во јужниот регион Херсон, изјави денеска украинската заменик министерка за одбрана, Хана Малиар.

Како што претходно објави Укринформ, ноќта на 6 јуни, руските војници ја разнесоа браната на хидроцентралата Каховка, предизвикувајќи поплави на делови од регионите Керсон и Миколаев.

Во тек е евакуација од поплавеното подрачје.

Во меѓувреме, украинската војска денеска извести за жестоки борби на истокот на земјата додека руските сили се обидуваат да преземат целосна контрола врз делумно окупираните региони Луганск и Доњецк.

„Противникот продолжува да ги фокусира своите главни напори на обидите за целосно окупирање на регионите Луганск и Доњецк“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.

„Жестоките борби продолжуваат“, се вели во соопштението.

Зеленски вчера кажа дека започнала долгоочекуваната контраофанзива.

„Во Украина се случуваат контраофанзивни и одбранбени дејствија, но нема да кажам детално во која фаза се“, рече Зеленски.

Тој додаде дека најтешките битки се водат на источниот и на јужниот фронт.