Македонија Зелениот катастар на дрвјата во Скопје преброја 65.844 дрвја и 28.395 грмушки

Зелениот катастар на дрвјата во Скопје преброја 65.844 дрвја и 28.395 грмушки

Скопје доби зелен катастар чија цел е подобрување на управувањето со јавното зеленило како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање на податоци за тоа со какво зеленило градот располага. Станува збор за проект кој Град Скопје во соработка со УНДП и граѓанскиот сектор, кој го претстави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Според скопскиот градоначалник, зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може во иднина да се спречи непотребното сечење и уништување на дрвјата во градот за потребите на градежните активности, но и да се работи на зачувување и одржување на постојното зеленило.

Според Шилегов, изминатите 10 години како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје и како последица на проектот Скопје 2014 зеленилото во градот честопати било жртвувано за сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа нечии лични, политички и бизнис интереси.

„Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија“, истакна Шилегов.

Извршените истражувања и мерења за потребите на изработката на Зелениот катастар на град Скопје покажале дека во градов во моментов има вкупно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки, дека Скопје располага со 174 видови дрвја и 77 различни видови грмушки.

Мапираното зеленило во Скопје е претставено преку ГИС апликација која преку интернет ќе биде достапна и за користење на граѓаните. Во неа секое мапирано дрво има своја лична карта, број и локација, односно може да се следи неговата состојба.

Скенирањето на градското зеленило, меѓу другото, покажа и во каква состојба се наоѓа вегетацијата, па така е констатирано дека има околу седум проценти оштетени или загрозени дрва меѓу кои доминираат тополите, врбите и јоргованот, додека пак во најдобра состојба се наоѓаат костенот, тујата, смрчата и платаните.

Од Паркови и зеленило најавија подигање на 40 нови зелени површини во градот за оваа 2019 година,к ако и садење на 7.000 нови садници и реализација на новиот дел на Градски парк.