Македонија Здружението „Има иднина“ бара формирање на граѓански самит за решавање на кризата

Здружението „Има иднина“ бара формирање на граѓански самит за решавање на кризата

Здружението „Има иднина“ смета дека последните настани покажуваат дека политичката криза во Македонија не може да ја решат единствено политичките партии, без активно учество на граѓанскиот сектор.

Во своето соопштение, од здружението велат дека жалат што политичарите ја пропуштиле шансата да преговараат во Виена со посредство на еврпските дипломати.

„Излезот од оваа криза може и мора да се постигне само преку дијалог и разговор со засегнатите страни, а во конкретниот случај, најзасегнати се граѓаните на Република Македонија. Од тие причини сакаме да го повикаме граѓанскиот сектор заедно да организираме граѓански самит, на кој преку дијалог ќе најдеме решенија за излез од кризата во која нè втурнаа политичките партии во изминатите 25 години. Самитот ќе има цел да ги отвори сите актуелни прашања и дилеми што го попречуваат дијалогот и ја носат земјата кон граѓански конфликт“, пишува во соопштението.

Од здружението велат дека целосно ќе ги стават на располагање сите свои човечки ресурси во безрезервна поддршка на демократијата и на отпорот против политичката манипулација, како и дека ќе се залагаат за формирање експертска влада, која ќе го реализира извештајот на Прибе и ќе организира слободни, фер и демократски избори.

„Ние иднината ја гледаме во воспоставување дијалог и во владеење на принципите на правото и на одговорноста. Сметаме дека во отсуство на функционално собрание, организација на широк граѓански самит може да придонесе за нормализирање на состојбите во државата и за зацврстување на демократските вредности во општеството“, наведено е во соопштението.