Македонија Здружението ЕСЕ бара транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата за...

Здружението ЕСЕ бара транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација

Стојан Мишев, Здружение ЕСЕ / Фото: Принтскрин

Здружението ЕСЕ бара да се смени праксата за поставување партиски кадри во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Како што велат од здружението, ранливите категории граѓани се најчести жртви на институционална дискриминација и како последица на тоа се соочуваат со проблеми да ги остварат своите законски гарантирани права.

„Единствено со поставување стручни, професионални и непартиски членови ќе се подобри лошата состојба со дискриминацијата и кршењето на човековите права во државата. Пратениците да спроведат постапка за избор која ќе биде транспарентна и ослободена од какви било влијанија“ бараат претставниците на граѓанскиот сектор од Собранието.

Претходно и Мрежата за заштита од дискриминација побара од Собранието да започне транспаретна и отчетна постапка за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

По една и пол година без функционална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Собранието треба да избере нови членови на комисијата на почетокот на 2021 година.

Здружението ЕСЕ изработи видео во кое се пренесени сведоштва на дел од лицата кои лично ја почувствувале институционалната дискриминација.