Свет Европа Затруена сопругата на шефот на украинското воено разузнавање Буданов

Затруена сопругата на шефот на украинското воено разузнавање Буданов

Информациите на украинските медиуми што ги пренесува Гардијан е дека самиот Кирило Буданов е добро. Маријана Буданова можеби била труена преку храна, но со мали дози во подолг период

фото: Укринформ

Марија Буданова, сопруга на директорот на военото разузнавање на Украина, Кирило Буданов, е во болница со симптоми на труење со тешки метали, пишува Гардијан. Оваа информација ја објавија водечките украински медиуми.

Повеќе детали не се соопштуваат, но се наведува дека „овие супстанции на никаков начин не се користат во секојдневниот живот и воените работи“. Според нив, може да се работи за „насочен обид за труење конкретно лице“.

Информациите на украинските медиуми што ги пренесува Гардијан е дека самиот Кирило Буданов е добро. Маријана Буданова можеби била труена преку храна, но со мали дози во подолг период. Соговорници на „Украинска правда“ забележуваат дека симптоми на труење имаат и други вработени во украинското воено разузнавање.

Нејзината состојба е стабилна, симптомите биле забележани многу брзо и тоа овозможило навремен одговор. Не се знае точно кога се случило наводното труење, бидејќи во исто време се вели дека влегла во болница по „продолжително опаѓање на здравјето“.

Украинската јавност малку знае за Марија Буданова. Таа не користи социјални мрежи, а Кирило Буданов неодамна изјави дека неговата сопруга живее со него во канцеларија и дека таа е секогаш во негова близина.