Македонија Започна трката за нов ректор на Универзитетот во Тетово

Започна трката за нов ректор на Универзитетот во Тетово

Крајниот рок за поднесување на документацијата е 29 мај 2023 година

Фото: Порталб

Најголемиот албански универзитет во земјава, Универзитетот во Тетово треба да именува нов ректор за периодот 2023-2026 година. За ова УТ објави јавен конкурс, пишува Порталб.мк.

На јавниот оглас објавен на веб страната на УТ, се наведува дека задолжителни критериуми за избор на нов ректор се да ​​биде државјанин на Македонија, да биде редовен професор со најмалку 15 години работно искуство како наставен кадар и да поседува компетенции за вршење на функцијата ректор.

Крајниот рок за поднесување на документацијата е 29 мај 2023 година.

Според статутот на УT ректорот се избира на слободни, непосредни и тајни избори од членовите на наставно-научните совети, односно научните совети и одделенијата. Во статутот е наведено дека постапката за избор на ректор мора да заврши до 30 јуни на тековната година, а доколку постапката не заврши до овој рок, изборот на ректор мора да заврши до 15 септември на тековната година.

Според статутот на УТ, ректорот ја презема функцијата на почетокот на академската година.

Актуелно, вршител на должност ректор на УТ од 2022 година е Куштрим Ахмети. Пред него десет години беше Вулнет Ахмети, односно од 2012 година до 2022 година со мал прекин во периодот декември 2021 – мај 2022 година кога за вршител на должноста беше назначен Решат Ќахили.

Нов ректор се избира и на најстариот и најголемиот универзитет во земјава Свети Кирил и Методиј (УКИМ). Во трка се шест кандидати, а гласањето е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.