Македонија Запленети 22 патнички автомобили управувани од македонски државјани

Запленети 22 патнички автомобили управувани од македонски државјани

Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд, информираат во Царина

Фото: Царинска управа

Во дводневна заедничка акција на секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи (МВР), запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани.

Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири се марка МЕРЦЕДЕС, три се марка АУДИ, две се марка БМВ, едно патничко товарно возило е марка ТЕСЛА. Сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од 6 месеци.

„Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд. Граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија“, појаснуваат во Царинската управа.

Во спротивно, додаваат оттаму, ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.