Македонија Запалени продавница и автомобил во селото Ореше

Запалени продавница и автомобил во селото Ореше

Синоќа околу полноќ, Ѓ.Ѓ. (51) од селото Ореше пријавил дека му биле запалени продавницата и автомобилот, марка „мерцедес“, информираат од полицијата.

Полициски екипи извршиле увид на местото и привеле две лица за кои постојат сомневања дека ги запалиле продавницата и автомобилот, односно дека предизвикале општа опасност.

Како што јавува телевизијата „Телма“, повикувајќи се на свои извори, сопственикот на продавницата и на возилото бил дедо на заштитениот сведок во случајот „Платено убиство во Ореше“.

Неофицијално, телевизијата пренесува дека еден од приведените е Ѓоре Петровски, кој е осуден на 13 години затвор во случајот „Ореше“, како нарачател на убиството на Лазар Милошевски.

Тој и другите двајца осудени во „Ореше“ не се во притвор бидејќи веќе одлежаа две години од казната. Според законските прописи, ова е максималната граница на времетраење на мерката притвор и тие до правосилноста на пресудата остануваат на слобода.