Македонија Законот за јазиците денеска повторно пред пратениците

Законот за јазиците денеска повторно пред пратениците

На денешната 32. седница на Собранието на Република Македонија, прва точка на дневен ред е Законот за употреба на јазиците. Тој се враќа пред пратениците откако првпат претседателот на државата Ѓорге Иванов стави вето на неговото донесување и даде низа забелешки. Ова е трето читање на Законот.

Законот е со европско знаменце, како приоритетен, и за неговото изгласување ќе биде потребно само просто мнозинство.

Доколку Собранието овојпат го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе рекордни 32.000 амандмани. Претходно рекордот го држеше ДУИ, со околу 15.500 амандмани поднесени за Законот за бранители во 2012 година.

Дел од македонската академска јавноста изрази несогласување со содржината и одредбите од законот, а граѓански здруженија протестираа во саботата пред Собранието и најавија дека и следните денови ќе го искажуваат незадоволството од овој, како што го нарекуваат, „неуставен закон“.