Дописници Захариев: Владини повереници се можно решение ако дојде до блокада на општините

Захариев: Владини повереници се можно решение ако дојде до блокада на општините

Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд на која треба да се одлучува по иницијативите за продолжување на мандатот на градоначалниците, денеска изјави дека доколу уставните судии ја отфрлат иницијативата, решение на проблемот со функционирањето на општините по 15 мај, може да биде назначување на владини повереници, што, според него, би било во рамките на законот.

– Ние, како градоналници, не смееме да ја напуштиме општината по 15 мај, затоа што мораме да му ја оставиме општината на некој што ќе ја раководи. Битно е деновиве да се донесе одлука. Две решенија се можни: Владата да назначи повереници на кои ќе им ја предадеме општината до наредните избори и, втората варијанта, Собранието на Република Македонија да донесе законски измени за продолжување на актуелната локална власт до распишување на локалните избори – изјави Захариев.

И другите општини се во исчекување на решение со кое ќе се избегне блокадата на локалните власти. Загрижена е и општинската администрација, која последните години неколкукратно се зголеми. Илјадници административци стравуваат за своите плати, за чија исплата, доколку нешто не се промени, ќе нема кој да потпише.

Извесно е дека ќе нема и кој да ги потпишува документите што им се потребни на граѓаните.