Главна секција Загадувањето на воздухот последно на листата за инвестиции и даноци

Загадувањето на воздухот последно на листата за инвестиции и даноци

Во период кога загадувањето на воздухот е топ тема во државата најновите податоци на Државниот завод за статистика откриваат дека најмалку пари се инвестираат за справување со овој проблем, како и дека најмалку даноци се наплатуваат по оваа основа.

Имено, трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина.

Статистичарите пресметале колкаво е учеството на одделни трошоци за заштитата на животната средина во вкупните инвестиции и трошоци за оваа намена. Во 2018 година, најголемо е учеството на трошоците за постапување со отпадот (64,2 отсто), потоа учеството на трошоците за oбразовни, воспитни и други слични активности (9,7 отсто) и трошоците за заштита на воздухот (2,1 отсто).

Тие пресметале и колкаво е учеството на одделни категории даноци во вкупните даноци за животната средина. Во 2017 година, најголемо е учеството на даноците за енергенти (64,4 отсто), потоа учеството на даноците за транспорт (34,7 отсто) и најмало е учеството на даноците за загадување (0,9 отсто).

„За да се намали загадувањето на воздухот, неопходна е соработка и координирана акција на меѓународно, национално и локално ниво, како и координација со политиките што се однесуваат на другите области од животна средина. Исто така, потребно е подигнување на јавната свест за чист воздух и обезбедување финансиски средства за примена на мерките дефинирани во подготвените планови и програми на локално и на национално ниво, како и меѓународните договори. Само сo личен придонес на секој граѓанин за заштитата на воздухот и имплементација на дефинираните мерки на национално и локално ниво може да се очекува да се редуцираат загадувачките супстанции во воздухот и да се подобри неговиот квалитет“, укажуваат од ДЗС во нивната публикација „Статистика на животната средина 2019“.