Македонија Заев-Звиздиќ: Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели

Заев-Звиздиќ: Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за земјоделство Љупчо Николовски, за економија, Крешник Бектеши, за култура, Роберт Алаѓозовски, и од министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, е во официјална работна посета на Босна и Херцеговина, каде се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

„На средбата е констатирано дека двете земји немаат сензитивни прашања за решавање и дека односите меѓу двете земји имаат отворен пат за добра иднина преку изразената политичка волја за унапредување на соработката. Оценето е дека документите за соработка во земјоделството и во културата, што се потпишуваат денеска, носат олеснувања за граѓаните во овие области“, информираат од владиниот кабинет.

Заев и Звиздиќ посочиле дека ќе бидат преземени чекори за реципрочно признавање на возачките дозволи, влез и излез во државите со лични карти, како и за отворање авионска линија на релација Скопје – Сараево.

Владините претставници се обврзале на активен однос, размена на искуства и на институционална поддршка.

„На средбата е потенцирано дека и Република Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО. Во таа насока изразена е подготвеност двете пријателски држави да се фокусираат кон агендите во своите држави и на ниво на регионот со што ќе потврдат дека Западен Балкан е веќе дел од ЕУ“, се додава во соопштението од кабинетот на премиерот.