Македонија Заев во Израел доби признание за придонес во развојот на демократијата

Заев во Израел доби признание за придонес во развојот на демократијата

Светскиот еврејски конгрес и Израелскиот совет за меѓународни односи на премиерот Зоран Заев му доделија признание со благодарност за неговиот личен придонес во развојот на демократијата, пријателствата во светот, европските вредности, економската соработка помеѓу Македонија и Израел, како и за почитта и за заштитата на еврејското историско и културно наследство во Македонија.

– Радикализмот и екстремизмот се проблеми кои се на прагот на Израел веќе многу години, но денес се во фокусот на интересот на сите земји во светот. Нелегалната имиграција, која го отвора патот за зацврстување на екстремистите и за ширење радикални идеи, треба да претставува црвен аларм за сите, да најдеме начин за решавање на овие предизвици и да ги заштитиме животите на нашите граѓани. Постојат можности за тоа. Политичката волја е силна. Ни треба поинтензивна соработка меѓу државите повеќе од кога и да е, ако сакаме да обезбедиме светски мир – рече Заев во своето обраќање пред Израелскиот совет за меѓународни односи.

Премиерот нагласил дека Македонија, заедно со другите земји од Балканскиот Регион, работи на зајакнување на регионалните врски и дека преку евроатланските интеграција гледа можност за зајакнување на столбовите на заедничка стабилност и безбедност.

Владината делегација претходно, во чест на жртвите од Холокаустот, положи венец, присуствуваше на молитва и засади дрвце на мирот во Шумата на нациите во Ерусалим со порака „Никогаш да не се повтори, просперитет за сите“.