Економија Заев со претставници на ЕИБ разговарал за поддршка на мали и средни...

Заев со претставници на ЕИБ разговарал за поддршка на мали и средни претпријатија

На денешната средба на премиерот Зоран Заев со Матео Ривелини, шеф на одделот за проекти на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Словенија, Хрватска и на Западен Балкан, и со Дубравка Негре, шеф на регионалната канцеларија на ЕИБ за Западен Балкан, се разговарало за продлабочување на соработката на Македонија со банката, соопшти секторот за односи со јавноста на Владата на РМ.

Во фокусот на средбата биле развој на инфраструктурата и зајакнувањето на капацитетите на малите и средни претпријатија во Македонија, но и заштитата на животната средина, пречистителни станици за вода и станици за третман на отпад.

– Владата на Република Македонија е силно фокусирана да обезбеди здрава и чиста животна средина за граѓаните на Македонија. На државата ѝ се потребни капитални инвестиции што можат значително да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Исто така, определени сме да ги развиваме домашните мали и средни претпријатија и да дадеме поддршка на домашните и на странските инвестиции. Соработката со ЕИБ е од големо значење во реализацијата на овие програмски определби на Владата – порачал Заев.