Македонија Заев се сретнаа со еврокомесарката за транспорт, Булц

Заев се сретнаа со еврокомесарката за транспорт, Булц

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министрите за надворешни работи, Никола Димитров, и за транспорт и врски, Горан Сугарески, попладнево се сретнаа со комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц.

Евркомесарката Булц на министрите им пренела дека Еропската комисија ги цени и ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата за зајакнување на регионалната соработка и за отворање евро-атлантски перспективи на Македонија и на државите од регионот, како и за отворените реформски процеси во државата.

– Резултатите од вчерашните избори се силен позитивен поттик за Владата да ги реализира најавените политики за квалитетен живот на граѓаните и за отворање перспективи на Република Македонија. Ова е моментот да се направи отскок напред – рече Булц.

Заев и Булц се согласиле дека транспортното поврзување во регионот, во што се очекува да помогне Договорот за основање транспортна заедница потпишан во Трст, како и финансиската поддршка од ЕУ за Коридорот 8 и функционалноста на Коридорот 10, ќе придонесат за подобра комуникација меѓу државите, а со тоа и за подобри резултати на економски план.

– Потребна е предвидлива, транспарентна клима за инвестирање, што ќе помогне на државите во регионот полесно да се поврзат со земјите од ЕУ, а со тоа и да обезбедат подобар живот за граѓаните во своите држави – додаде Булц.

Заев истакнал дека Владата презема конкретни чекори за реализирање на планот „3-6-9“ и додал дека ќе продолжат да даваат позитивен пример за тоа како се градат добрососедски односи и пријателства.