Главна секција Заев: Прислушувани биле и функционери и опозиционери

Заев: Прислушувани биле и функционери и опозиционери

Снимени разговори меѓу новинари со лидерот на опозицијата, Зоран Заев, негови разговори со пријатели и со неговата ќерка, разговор меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и министерот за финансии, Зоран Ставрески, разговори на Али Ахмети, Мендух Тачи, Љубчо Георгиевски, Руфи Османи, објави Заев на денешната прес-конференција.

Заев рече дека овие разговори се само дел од она што следува. Тој рече дека прислушувани биле сите општествено значајни личности, цело судство, Синодот на МПЦ, невладини организации, новинари, а имало и разговор меѓу водителот Драган Павловиќ-Латас и Мартин Протоѓер.

Како што вели Заев, не биле прислушувани само премиерот Никола Груевски и директорот на Управата за контраразузнавање и безбедност, Сашо Мијалков.

– За време на изборите, ги злоупотребувале државните служби за да имаат 24 часа извештаи. Секој разговор, секоја комуникација и сето ова со државни пари и со целосно кршење на Уставот. Ние ќе поднесеме кривична пријава против  Мијалков и Горан Груевски, раководител на Петта управа и Н.Н. вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените што учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот законик, со кој овие лица се ослободуваат од гонење – изјави Заев.

Лидерот на опозицијата кажа дека ќе побараат од Јавното обвинителство да направи автентично вештачење на аудиоснимките што опозицијата ги објави на денешната прес-конференција и најави дека наредните денови ќе објават и нови снимки од прислушувањата.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали е прислушуван претседателот Ѓорге Иванов, Заев одговори дека се прислушувани „сите општествено важни личности“.

– Ако и него го сметате за важна личност, тогаш и тој е прислушуван – одговори Заев.