Македонија Заев: Отворени сме за сите што можат да придонесат за економски напредок

Заев: Отворени сме за сите што можат да придонесат за економски напредок

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Мајк Зафировски, Џон Битов Помладиот и со Роберт Арсов, членови на одборот на директори на „Македонија 2025“, невладина организација во која членуваат бизнисмени од дијаспората и менаџери од Македонија.

– Владата на Република Македонија е отворена за сите што можат да придонесат за економски напредок на државата. Ја поздравуваме иницијативата на дијаспората и конретното активирање на претставниците на групата „МК 2025“ во Македонија, што значи силен импулс за нови идеи, програми и инвестиции во државата, за успешно спроведување на реформите, посебно во иновациите и проектите од областа на образованието на менаџерите – рече Заев на средбата.

Тој нагласи дека самитот „Македонија 2025“, кој од утре до 2 ноември се одржува во Скопје, е извонредна можност за бизнис-лидерите да разменат контакти и да споделат знаења од многу области, кои ќе доведат до економски и до технолошки напредок на земјата.

Истовремено, премиерот ја истакна важноста на формите за развивање образовни проекти за инвестирање во капацитети на економски претприемачи, со поддршка на домашните и на странските инвеститори, вклучително и малите и средни претпријатија, што ќе помогне во трасирање на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

На средбата се разговараше и за можноста да се потпише заедничка соработка за изградба на научно-технолошки парк и бизнис-акцелератор.