Македонија Заев: Никој нема да биде изземен од одговорноста за корупција

Заев: Никој нема да биде изземен од одговорноста за корупција

Во неговото обраќање по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, премиерот Зоран Заев порача дека коруптивното дејствување е сериозна закана за економскиот и за севкупниот развој на Македонија. Тој порача дека борбата со ова зло е обврска што ја презела оваа власт, но ги повика и граѓаните да учествуваат рамноправно во справувањето со ова зло за државата. Увери дека никој нема да биде изземен од одговорност за корупција.

– Нашата Влада и јас како премиер, но и сите претставници на локалната власт, како и претставниците од граѓанскиот сектор и од приватниот сектор, имаме одговорност да се справиме со сериозните предизвици  што корупцијата ги поставува пред нас. Корупцијата е закана за воспоставување владеење на правото, а ние презедовме обврска дека во Македонија ќе владее правото. Затоа, мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата. Ве охрабрувам и вас, активно да се вклучите во oваа заедничка борба, преку пријавување на корупцијата и без страв од последици. Со ова јасно укажувам дека никој нема да биде изземен од одговорност – рече Заев.

Тој рече дека од успехот на борбата против корупцијата, зависи успехот на државата.