Македонија Заев на средба со делегација на ОБСЕ: Очекуваме победа на слободни и...

Заев на средба со делегација на ОБСЕ: Очекуваме победа на слободни и демократски избори

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска заедно со потпретседателот на партијата, Дамјан Манчевски, шефот на изборниот штаб, Миле Зечевиќ, и со Стевица Јосифовски од правниот комитет на СДСМ, се сретна со делегација на ОБСЕ, предводена од Нина Соумалаинен, шефица на ОБСЕ во Скопје, и од Џеф Били, раководител на политичкиот оддел.

На средбата претставниците на СДСМ и на ОБСЕ разговарале за актуелната политичка состојба во пресрет на локалните избори, како и за спроведувањето на реформскиот процес во интерес на граѓаните. Соговорниците заклучиле дека спроведувањето на фер, слободни и регуларни избори ќе има големо влијание врз целокупниот демократски амбиент во државата.

– Како партија, целосно сме подготвени за локалните избори на кои сме убедени дека ќе победиме. Јасно е дека на Македонија ѝ се потребни слободни, фер и демократски избори што одамна ги немала. Во таа насока посветени сме на гаранциите за фер избори. Оттука и бројните одлуки на Владата на Република Македонија со кои изрично се забранува употребата на средства во државна сопственост за партиски цели. Сите носители на јавни функции имаат обврска доследно да ги почитуваат законите – изјави Заев.