Македонија Заев на предновогодишна вечера со Бутарис во Солун

Заев на предновогодишна вечера со Бутарис во Солун

Премиерот Зоран Заев на „Твитер“ соопшти дека е во Солун, каде, како што претходно беше најавено, ќе ја дочека Новата година со градоначалникот Јанис Бутарис.

„Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои нé поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив на гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018 година“, напиша Заев на „Твитер“.

Заев ја прифати поканата да ја дочека Новата година во Солун која Бутарис му ја упати додека беше во работна посета на Скопје во ноември, кога се сретна со македонскиот премиер.