Економија Заев на форумот на „Фајненшл тајмс“: Земјите од Западен Балкан работат на...

Заев на форумот на „Фајненшл тајмс“: Земјите од Западен Балкан работат на економско поврзување

Инвестициските можности на земјата се отвораат и се зголемуваат. Агенцијата „Фич“ го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од „ББ“ на „ББ+“ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после цели 13 години. Ова е потврда на квалитетот на економските политики и на одличните ефекти што тие ги даваат.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на панел-дискусијата со премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама во рамките на форумот „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“ во организација на „Фајненшл тајмс“ посветен на земјите од Западен Балкан.

Премиерот Заев рече дека Западен Балкан се разликува многу за разлика од периодот пред 10 години, земјите денеска работат на поврзување и на интензивирање на економската соработка што е добра причина инвеститорите да го препознаат овој дел од Европа како атрактивна бизнис-дестинација.

„По завршувањето на билатералните спорови и постигнувањето на договори со Грција и Бугарија, ние ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Со Грција ја зголемивме трговијата за околу 20 проценти по постигнувањето на договорот. Вкупниот извоз ни бележи раст од 16,8 проценти. Очекувам конкретни позитивни одлуки за нашата земја и Албанија“, рече премиерот Заев

Заев рече дека земјите од Западен Балкан работат на зголемување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес и како пример го наведе отворањето на „One Stop Shop“ како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите.