Македонија Заев: Интеграцијата во ЕУ за нас ќе значи влез во 25 пати...

Заев: Интеграцијата во ЕУ за нас ќе значи влез во 25 пати поголем пазар

Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност, рече премиерот Зоран Заев на форумот „Економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции“, кој се одржа на покана на Институтот за стратегија и развој.

– Членството во НАТО обезбедува поголема безбедност што ја подобрува можноста на земјата да обезбеди политичка и економската стабилност. Членството во ЕУ значи влегување во голем и развиен пазар со што се зголемуваат перспективите за економски раст. Со членство во ЕУ се влегува во пазар од 500 милиони потрошувачи, или 7,5 проценти од светската популација, односно во најголемата светска економија со учество од 23,8 проценти од светскиот БДП, по која следуваат САД и Народна Република Кина. Интеграцијата во ЕУ за Северна Македонија ќе значи влез во 25 пати поголем пазар – рече Заев во обраќањето.

Тој додаде дека кај земјите-членки на ЕУ и НАТО кои членството го остварија од 2004 година наваму, забележан е побрз напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, а ЕУ, како најголем трговски партнер, придонесува за побрз раст на извозот за новите земји членки во споредба со земјите од Западен Балкан.