Македонија Заев: Граѓаните на натпартискиот граѓански протест јасно ќе ја испратат пораката

Заев: Граѓаните на натпартискиот граѓански протест јасно ќе ја испратат пораката

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и заменик-претседателката, Радмила Шекеринска, денеска се сретнале со Ернст Рајнхел, претставник на германското министерство за внатрешни работи, одговорен за Југоисточна Европа, Турција и за земјите од ЕФТА, како и со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Кристине Алтхаузер.

На средбата, како што се наведува во соопштението од СДСМ, се разговарало за актуелната политичка криза и за последните случувања во Куманово, како и за начините и за можностите за враќање на земјата во нормален колосек преку демократизација и ослободување на државните институции од партиски притисоци.

Заев рекол дека поднесувањето оставка од Груевски и формирањето независна преодна влада се првите важни чекори што ќе гарантираат можност за нормализирање на ситуацијата во земјава.

– Граѓаните, мирно и достоинствено, в недела, на 17 мај, на натпартискиот граѓански протест јасно ќе ја испратат пораката дека ја бараат назад својата слобода и погазената демократија и дека на тој пат ништо нема да ги спречи – рече Заев на средбата со германскиот дипломат Ернст Рајнхел.