Вистиномер: Не е точно дека цената на струјата „нема мрднато“ 4 години

Фото: Влада на РСМ

Изјавата на премиерот, дека во Македонија четири години не мрднала цената на струјата, е неточна. Имено, цената на струјата во последните две години двапати се зголеми со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), при што едно од овие поскапувања беше нивелирано со намалување на даноците, но второто покачување е реално, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Зборувајќи за светската енергетска криза и порастот на цената на струјата на светските берзи, премиерот Зоран Заев во Дневникот на Сител ја даде следната изјава:

Гледате четири години нема мрднато цената на струјата за разлика од пред некои 8 месеци четири до пет пати е зголемена на меѓународните берзи струјата, а тука е иста. Така што граѓаните треба да бидат спокојни и воопшто да не стравуваат.

[Извор:Јутјуб,датум: 25.10.2021]

 

(Од 18:20 минута до 19:00 минута)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на премиерот, дека во Македонија четири години не мрднала цената на струјата, е неточна. Имено, цената на струјата во последните две години двапати се зголеми со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), при што едно од овие поскапувања беше нивелирано со намалување на даноците, но второто покачување беше реално.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на 31 јули 20220 година ја информираше јавноста дека од 1 август 2020 година, цената на електричната енергија ќе се зголеми за 7,4 отсто.

Ние знаеме дека со оваа одлука за зголемување на цената на струјата, ќе влијаеме врз сите крајни потрошувачи. Сега сметка, на пример, од 1.500 денари, ќе добие плус 100 денари, пресмета Бислимовски.

Причината за поскапувањето на цената на струјата, како што посочи Бислимовски, била пандемијата со коронавирусот, која негативно се одразила кај профитот на електроенергетските компании и кај електраните во делот на продажбата на вишоци електрична енергија преку граница.

На 30 јуни 2021 година, како што соопшти Бислимовски, РКЕ одлучи цената на струјата да порасне за 12,36 отсто. Но, ова поскапување беше ублажено со одлуката на Владата да го намали ДДВ-то на струјата од 18 на 5 проценти со цел граѓаните да не добијат драстично повисоки сметки.

Зголемувањето на цената на електричната енергија без ДДВ од 18 на 5% ќе биде 12,36%, а со компензацијата од ДДВ остана простор за да има незначително намалување на крајните сметки на граѓаните, потврди Бислимоски.

Според ова, второто покачување на сметките за струја беше нивелирано со намалувањето на ДДВ-то, но, сепак, претходното покачување од лани, од 7,4 отсто, навистина се случи. Точно и дека на светските пазари на електрична енергија цените во меѓувреме пораснаа и повеќепати и со повисок процент отколку овие ланските 7,4 отсто кај нас. Но, сепак, не може да се каже дека цената на струјата во последните 4 години „нема мрднато.“ Растот на цената на струјата од 7,4 отсто од 1 август 2020 година е реален и тој навистина се случи.

Оттука, можеме да заклучиме дека изјавата на премиерот Заев е невистинита, нагласува „Вистиномер“.