Македонија Заев: Бугарија ја блокираше првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка за...

Заев: Бугарија ја блокираше првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија

Фото: Арбнора Мемети

На состанокот на амбасадорско ниво КОРЕПЕР, на кој се разгледува преговарачката рамка, денеска е прекршен членот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија и ја имаме првата блокада, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање.

Ова, објасни Заев, значи дека е блокирана првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.

Според Заев, тоа не значи дека шансите се изгубени, следуваат уште два состанока на амбасадорско ниво, по што ќе следи министерскиот состанок (ГАК) на 17 ноември.

„Членот 2 од Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија кажуваат многу прецизно како Бугарија ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините интеграции во Европската Унија. И дефинитивно денеска е прекршен тој член. Ние ништо не прекршивме од Договорот со Бугарија, напротив имплементираме. Ова е прво непријатно чувство што ни се случува, но верувам дека е порака да се забрзаат решенијата на кои се разговара меѓу двете работни групи предводени од министерствата за надворешни работи,“ додаде Заев, кој сепак верува дека ќе се изнајде решение бидејќи се одвива интензивна комуникација помеѓу двете министерства за надворешни работи.