Македонија Заев-Борисов: Духот на пријателство со кои беа чествувани заеднички настани и личности,...

Заев-Борисов: Духот на пријателство со кои беа чествувани заеднички настани и личности, треба да продолжи

Фото: Влада на Република Северна Македонија (05.07.2019 г.)

Премиерот Зоран Заев, во рамките на своите активности на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Полска се сретна и со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

„Двајцата премиери разговараа за спроведувањето на одредбите од Договорот и се согласија дека се остваруваат со добра динамика, но и дека секогаш може подобро. Низ разговорот, премиерите Заев и Борисов изразија поддршка и охрабрување за работата на комисиите на двете земји да ја засилат соработката и посветеноста на прашањата што ги разгледуваат. Премиерите изразија заедничко мислење дека двете земји имаат дел од заедничка историја, и дека духот на добра волја и пријателство со кои започнаа да се одбележуваат и чествуваат заеднички настани и личности што се оствари во изминатиот период, треба да продолжи и понатаму“, информираат од Владата.

Во соопштението се додава дека „блиската соработка е крунисана на Самитот во Познањ со заедничкото, историско, претседавање на Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, што е признание за Бугарија и за нејзиното лидерство како земја членка во регионот, како и за Република Северна Македонија, која се докажа низ конкретни чекори како земја која пријателството и довербата ги става во врвот на своите приоритети.“

На средбата присуствувале и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.