Македонија Заев-Блер: Потенцијали за соработки со ИТ компанијата „Оракл“ за менаџирање на податоци...

Заев-Блер: Потенцијали за соработки со ИТ компанијата „Оракл“ за менаџирање на податоци поврзани со ковид-19

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев на маргините на Економскиот форум „Делфи“ во Атина, оствари средба со поранешниот британски премиер Тони Блер. На средбата било истакнато дека Договорот од Преспа е големо достигнување, бидејќи донел решение за двата народи, но и за целиот регион и за Европа.

„Договорот од Преспа отвори врати за напредокот и стави препрека на новите национализми, а решенијата од договорот денес значат и економски потенцијали. Сѐ е до квалитетот на владите, а на малите земји им требаат глобални погледи за квалитетни решенија,“ заклучиле Блер и Заев.

Особен фокус во разговорот бил ставен на справувањето со глобалните предизвици кои ги наметна ковид-19 пандемијата.

Заев и Блер се согласиле дека вакцинацијата е едно од најдобрите глобални решенија на денешницата и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.

„Во тој контекст Заев и Блер разговараа за можностите за соработки и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл“ во делот на менаџирање со податоци при справувањето со ковид-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет,“ соопштија од Влада.

Заев и Блер изразиле задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство и изразиле надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи.