Македонија Заев: Без прочистен избирачки список и без закон за медиуми нема регуларни...

Заев: Без прочистен избирачки список и без закон за медиуми нема регуларни избори

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Струмица повторно изјави дека без прочистен избирачки список и без закон за медиуми е невозможно да се има регуларни избори.

– Без регулација на медиумите и професионални стандарди во медиумскиот простор, не може да има фер и демократски избори. Без прочистен избирачки список, не може да има регуларни избори во Република Македонија. Сите политички субјекти заедно, на лидерските средби, но и изгласувајќи го Изборниот законик заедно во парламентот, избраа независна Државна изборна комисија. Државната изборна комисија е таа којашто е должна и под кривична одговорност го потпишува избирачкиот список. Изгласувајќи го законот на 10 декември, законодавецот предвидел 85 дена за прочистување на избирачкиот список. Од денеска до 5 март, до кога треба да се прочисти избирачкиот список и да се даде на јавен увид, остануваат точно 45 дена – рече Заев.

Лидерот на СДСМ потсети дека претседателот на ДИК изјавил дека се пробиени роковите за прочистување на избирачките списоци.

– Претседателот на ДИК, истакнувам тоа е таа независна институција којашто е единствено надлежна и може да потврди кога може да се прочисти избирачкиот список за да се оди на регуларни избори, тој истиот претседател изјави дека се пробиени роковите за навремено и веродостојно прочистување на избирачкиот список. Оваа патологија што ја наметнува Никола Груевски, поддржан од Али Ахмети, претставува насилство врз независната Државна изборна комисија – рече Заев, додавајќи дека органите и телата на СДСМ и на здружената опозиција наредните денови ќе ги донесат своите одлуки и за учеството во владата и за сите нивни следни чекори.