Свет Забележан објект за кој се претпоставува дека е авионот на „Ер Азија“

Забележан објект за кој се претпоставува дека е авионот на „Ер Азија“

Австралискиот авион „Орион“ забележал објект во морето, во областа што се истражува поради исчезнувањето на авионот на малезиската авиокомпанија „Ер Азија“, соопшти командантот на воздухопловните сили на Џакарта, Дви Путранто.

Како што јавува „Раша тудеј“, објектот е пронајден на 1.120 километри од локацијата каде што авионот со 162 патник изгубил контакт.

– Сепак, не можеме да бидеме сигурни дали тоа е дел од исчезнатиот авион на „Ер Азија“. Се движиме во тој правец, но времето надвор е поприлично облачно, што ја отежнува потрагара – рече Путранто.

Рибари од островот Белитунг, во близина на местото каде авионот изгубил контрат, велат дека слушнале експлозија и тоа во времето кога авионот исчезна од радарите, јавуваат индонезиските медиуми.

– Повеќе рибари слушнале експлозија, но информацијата треба да се провери – рече претставник на Тахана, група за управување со катастрофи.

Официјален Пекинг се понуди да испрати авиони и бродови за да помогнат во потрагата по исчезнатиот авион на „Ер Азија“.

Индонезиските власти сметаат дека авионот најверојатно се урнал, но засега немаат информации за можното место на падот. Авионот полетал од Сурабаја, вториот најголем град во Индонезија, и исчезна од радарите на половина пат до своето одредиште, Сингапур.

Ова е трет поголем авионски инцидент годинава со некој од малезиските цивилни летала. Претходно во март исчезна авион на „Малезија ерлајнс“ со 370 патници, а потоа во јули над Украина е соборен авион на истата компанија со 298 патници.